Малку поинакви
романтични филмови

2013-09-30 10:29:01

ЕЛЕНА

 
Според холивудскиот рецепт за добар, романтичен, “љубовен“ филм ви требаат еден дечко и една девојка кои се запознаат и почнуваат врска во која и двајцата се пресреќни (среќата се докажува со монтажа од секојдневни забавни активности меѓу кои има и ден поминат во забавен парк), меѓутоа оприлика пола час подоцна врската почнува да се распаѓа, па се разделуваат. Секој филм завршува откако еден (или двајцата! ако сценаристот е ептен расположен) сфаќа дека не може да живее без другиот. Филмот завршува со трчање и искажување љубов на јавно место (најубаво тоа да биде аеродром, ако буџетот го дозволува тоа). И секако, младите си живеaт среќно до крајот на животот.

Во филмовите на листава (правени според рецептот на реалноста) некои врски завршуваат со завршувањето на денот поминат во забавен парк, некои после неколку години, некои со развод или смрт, некои не знаеме како завршуваат затоа што филмот завршува со cliffhanger. Во секој случај, ако ви се гледаат филмови за врски и љубов, овие се од оние што реалистично ги прикажуваат со сѐ убаво и грдо што доаѓa со нив.

Before Sunrise [1995], Before Sunset [2004], Before Midnight [2013]

Со Ethan Hawke и Julie Delpy.
Режија: Richard Linklater

Трилогијата на Richard Linklater започнува во 1995 кога Jesse и Celine се запознаваат во воз и поминуваат една ноќ во Виена. Продолженијата им се враќаат на ликовите после 9 и после 18 години од првата средба и ги прикажуваат во дадениот момент, со сите промени кои во меѓувреме им се случиле и како тие влијаат на нивниот однос. Една од најубавите филмски приказни на сите времиња и a must-see.

Eternal Sunshine Of The Spotless Mind [2004]

Со Jim Carrey, Kate Winslet, Kirsten Dunst, Mark Ruffalo и Elijah Wood.
Режија: Michel Gondry

Joel и Clementine се поранешен пар кој ја избришал нивната врска од своите сеќавања и повторно се среќаваат и се обидуваат да останат заедно. Во исто време е научна фантастика, психолошки трилер, љубовна драма, комедија и како и сите филмови на Michel Gondry изобилува со шарм и топлина, филм кој ќе ве насмее и ќе ве растажи. Се смета за модерна класика и доби Оскар за најдобро сценарио.

Once [2007]

Со Glen Hansard и Markéta Irglová.
Режија: John Carney

Тој е уличен музичар, а таа имигрантка која заработува продавајќи цвеќиња. Се запознаат заради заедничката љубов кон музиката и филмот ги следи во текот на неколку недели кои ги поминуваат пишувајќи и снимајќи песни. Филмот е добитник на Оскар за најдобра песна. Ако немате ништо против мјузикли, погледнете го.

(500) Days of Summer [2009]

Со Joseph Gordon-Levitt, Zooey Deschanel.
Режија: Marc Webb

Познат уште како и "филмот што ги направи Zooey Deschanel и Joseph Gordon-Levitt симпатични/иритирачки актери", (500) days ја обвинува поп културата за високите очекувања што луѓето ги имаат од врските и тврди дека "само затоа што и двајцата ги сакате истите работи, не значи дека сте сродни души". Симпатично и сурово. Критичарите го прогласија за една од најдобрите романтични комедии во последниве години.

Adam [2009]

Со Hugh Dancy, Rose Byrne, Amy Irving и Peter Gallagher.
Режија: Max Mayer

Beth се доселува во зградата на Adam и тој се вљубува во неа. Арно ама, Adam има Аспергеров синдром што значително го комплицира нивниот однос. Топла приказна која автентично го прикажува проблемите со кои се среќаваат многумина. Кога сме кај филмови со ликови со Аспергеров синдром, задолжително погледнете го stop motion цртаниот филм Mary and Max.

Blue Valentine [2011]

Со Ryan Gosling и Michelle Williams.
Режија: Derek Cianfrance

Ryan глуми сопруг вљубен во својата жена и тука завршуваат сите сличности со The Notebook. Blue Valentine го прикажува неколкугодишниот брак на Dean и Cindy, од нивното запознавање, до почетокот на крајот. Mрачен и на моменти мачен филм. Не се препорачува за hard core фанови на Crazy Stupid Love и слични "зашеќерени" филмови за екстремно романтични души.
 

Мини ТВ серија за
Бони и Клајд

American
Horror Story

Мора ли да гледаш
нова серија?

Нови
телевизиски серии